Родена е 1969 година во Кавадарци, каде што завршила основно и средно образование со континуиран одличен успех. Во учебната 1988/89, се запишала на студиите по математика-информатика на ПМФ и ги завршила во 1992, стекнувајќи се со звањето дипломиран инженер по математика-информатика. Во 1993 година запишала постдипломски студии на ИИ при ПМФ. Во 1998 година ги завршила со одбрана на магистерскиот труд “Едноканални системи за масовно опслужување со квазигеометриски влезен поток и дискретно распределено време на опслужување” и се здобила со звањето магистер по математичко-информатички науки. Во 2003 година, со одбрана на докторската дисертација под наслов “Прилог кон примената на веројатносни модели во системите за масовно опслужување, криптографијата и кодирањето”, се стекнала со титулата доктор на информатички науки.
Верица Бакева е примена за стручен соработник на ИИ при ПМФ во 1993, во 1996 била избрана за помлад асистент, во 1998 за асистент во Заводот за теориски основи на информатиката на ИИ, во 2003 година за доцент, а од 2008 е вонреден професор. Во 2011 година со основањето на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, преминува на овој факултет. Во 2013 е избрана во звањето редовен професор, а 2017 е реизбрана во истото звање.
Како асистент изведувала вежби од следниве предмети од областа на математиката и информатиката: Теорија на веројатноста, Математичка статистика, Теорија на информациите, Теорија и методи на линеарното програмирање, Аналитичка геометрија (на студиите по информатика), Векторски простори, Веројатност, Веројатност и статистика (на студиите по математика), Математички методи во хемијата (на студиите по хемија), како и Информатика на Земјоделскиот и на Филозофскиот факултет. Како наставник изведува/ла настава по предметите: Теорија на веројатност, Веројатност, Веројатност и статистика, Теорија на информации, Случајни процеси, Калкулус 1, Калкулус 2, Диференцијално сметање, Интегрално сметање, Математичка анализа, Операциони истражувања (на студиите по информатика на ПМФ и на ФИНКИ), Операциони истражувања и Случајни процеси (на студиите по математика на ПМФ), Информатика (на студиите по математика-физика, по биологија, биологија-хемија и по историја и социологија на Филозофскиот факултет). На постдипломските студии била задолжена за предметите Теорија на информации, Случајни процеси и Теорија на кодирање, а изведувала вежби по Теорија на веројатноста и математичка статистика со примена во градежната техника за постдипломците од Градежниот факултет.
Научна област на нејзин интерес се веројатносните модели и нивните примени, пред се, во теорија на кодирање и криптографија. Има објавено повеќе од шеесет научни труда. Учествувала на повеќе конференции во земјата и странство со презентирање на свои трудови. Како истражувач, учествувала во шест проекти финансирани од Министерството за наука на Р.Македонија, од кои еден билатерален и во три меѓународни проекти. Исто така, била раководител на четори и учесник во 6 проекти финансирани од ФИНКИ. Автор е на еден универзитетски учебник, пет учебници и на една збирка задачи за гимназиско и средно-стручно образование, како и на една монографија издадена во странство. Во периодот 1995-97 била секретар на Советот на Математичко-информатичката школа за талентирани ученици, а во 1997 и нејзин предавач. Член е на Здружението ICT-ACT, како и на Секцијата за теорија на информации при IEEE.